Скопје, Македонија, е место каде се среќаваат мноштво светови. Од 2002 година, кога првпат навлегов во скопскиот свет и го претворив во свој, ме инспирираат бројните музичари со кои свирев и звуците кои ги слушав во овој град. Гледав музичари како доаѓаат и си одат. Доаѓаа од други краишта на Македонија, понекогаш за да живеат во Скопје, понекогаш само за вечерна свирка или концерт. Го напуштаа Скопје за да учат или работат, понекогаш со години, понекогаш само за миг. Понекогаш заминуваа накратко, за да музицираат во Њујорк или Приштина или Загреб или Берлин – или, пак, во Македонија, Битола или Прилеп или Велес. Но, Скопје е местото каде што сите овие музички доаѓања и заминувања се испреплетуваа доволно долго за да предизвикаат некаква случка.
На лице место.Тоа треба да значи лично, лице в лице, на исто место, во ист простор. На лице место се случува кога доаѓањата и заминувањата како за миг да запираат, а луѓето се тука, заедно, можеби нешто работат, можеби создаваат. ЦСПС Ансамбл (CSPS Ensemble) се створи од еден круг на музичари кои снимаа на лице место, во Скопје, со тоа што називот ЦСПС потекна од почетните букви на градовите во кои сме родени: Чикаго (Chicago), Штип (Štip), Пробиштип (Probištip) и Скопје. Доаѓањата и заминувањата во и од Скопје значеа дека се што ќе се случеше на лице место беше секогаш нешто ново и различно, нешто од тој посебен момент и место. Кругот се врти, се менува и еволуира.
Првата изведба на ЦСПС Ансамбл беше на покана на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) за џез настап на годинешното доделување на наградата на СОКОМ, „Виртуози“, прослава на извонредност во компонирање и изведба на класична музика. Ме поканија да ја склопам оваа изведба; се согласив, но само ако ми дозволат да ја соберам оваа група на музичари. Првата верзија на групата го вклучуваше и гитаристот Ади Имери од Black and Vice Social Club, поради што се провлекуваше една рок нишка низ музиката. По една дискусија со композиторката Дарија Андовска (музички координатор на „Виртуози“ за таа година), ги собрав музичарите и аранжирав дел од „Кармина Бурана“ за камерен џез ансамбл, со ударни инструменти наместо вообичаените бубњеви. Така ја развивме „Карма Бура“. Во еден момент таа вечер, еден од музичарите даде идеја да се компонира и аранжира и друга музика за овој состав – проект за додека сме на лице место. Ова го подготви теренот за ЦСПС Ансамбл да продолжи да егзистира и надвор од еднократното собирање и така беше создаден проектот On the Face Place.
Басистот/композитор Кирил Туфекчиевски и јас направивме композиции и аранжмани за групата, низ кои проникнуваа широка низа на џез идиоми. Неговата „The Red Barbunya“ потсетува на Чарлс Мингус, но исто така и на The Birth of Cool, на начин кој и овозможува на брилијантноста на Кирил Кузманов(алт саксофон) да блесне, како и што блеска во секоја нумера. Гитаристот Бојан Петков од ретро свинг поставата „Летечки пекинезери“ му се приклучи на овој кружок, додавајќи префинетост и убавина на бојата која ја збогатуваше текстурата на музиката. Иако овој проект е втемелен во длабокото искуство со „стрејтахед“ џезот, видливи се трагите од музички корени и правци вкоренети во богатството од традиции во и надвор од светот на џезот. Техниката и мајсторството на Трајче Велков (труба) нуди на увид парченца развивани не само во џез поставките, туку и во текот на безбројните часови музицирање со плеада од лимени оркестри ширум Македонија и низ цела Европа. Опсегот и прецизноста на Ратко Даутовски (ударни инструменти) отсликува многу повеќе од одблесок на сите негови соработки со мајстори-музичари од Македонија и од други краишта – од Турција, па се до Латинска Америка. Како копродуцент и главен снимател и миксер, Ален Хаџи-Стефанов се чини невидлив, но сепак тој неминовно ја навестува неговата интимна блискост со повеќе џез снимки отколку што јас сум слушал во целиот свој живот. Блискоста е доказ за еден живот посветен на џез традицијата во нејзината најширока дефиниција, заостаната резонанца од годините минати снимајќи ја џез сцената во доунтоун сцената на Њујорк со својата мобилна опрема во текот на 1990-те години, и од 20-годишното водење на 24-часовното џез радио на Скопје, Jazz FM. Единствениот член на ЦСПС кои е одсутен од оваа снимка е тенор саксофонистот Иван Иванов, кои настапуваше на сите настапи на ансамблот во живо но, во сите тие заминувања од и доаѓања во Скопје, за жал не можеше да биде на лице место за време на снимањето.
Мојота лична релација со Скопје – како музичар, како етномузиколог, како етнограф, како академски деец и како пријател – е одбележан со повеќе од доволно доаѓања и заминувања. Овие доаѓања и заминувања се исполнети со радост, болка, тага и надеж, како што се создаваа и се обновуваа различните форми на музичките и личните врски. Како и другите од ЦСПС Ансамбл, јас и сум и не сум дел од Скопје, како што доаѓам и си заминувам за да станам дел од некои други места. Работејќи заедно во бескрајниот круг што, всушност, е ЦСПС Ансамбл, ние во еден потег ги споивме музичките потекла и траги. Овој албум е парче од многуте музики на Скопје, звукот на краткиот одмор помеѓу доаѓањата и заминувањата, звукот кога патувачите се среќаваат некаде и некогаш, на лице место.
Дејв Вилсон Велингтон, Нов Зеланд Јуни, 2017
Дизајн на албумот – Ника Гавровска. Сите фотографии се направени од Татјана Ранташа, освен фотографијата на Ратко Даутовски која е од Виктор Соколовски. Благодарност за Велика Стојкова Серафимовска за содејство со текстот на македонски.